Руски олигарх со директен пристап до Кремљ посредувал во тајните дипломатски контакти за спречување на воен конфликт во Балтичкото Море, објави американскиот весник „Волстрит џурнал“. Финскиот претседател Александар Стуб и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе испратиле порака до рускиот претседател Владимир Путин токму преку овој посредник.

Неколку дена по тајната комуникација, тројцата лидери реализирале директен телефонски разговор. Рускиот олигарх претходно отпатувал во Норвешка на разговори со високи државни функционери, по што се вратил во Москва за лично да му ја пренесе пораката на Путин. Стуб стравувал дека уверувањата испратени преку рускиот амбасадор во Финска нема да стигнат навремено и точно до шефот на руската држава.

Официјалната тема на телефонскиот разговор одржан на 27 октомври била прекинувањето на војната во Украина, но нордиските лидери имале и друга итна безбедносна задача поврзана со поморските патишта.

„Немаме намера да го блокираме Балтикот во време на мир, можете да бидете сигурни во тоа. Ќе дејствуваме во согласност со законот“, му рекол Стуб на Путин.

По телефонскиот разговор, Путин јавно ги пофалил Стуб и Сторе, но упатил предупредување дека одредени сили сакаат да го претворат Балтичкото Море во нов Ормуски Теснец.

Русија транспортира повеќе од 60 проценти од нафтата што ја извезува по морски пат преку Балтикот, поради што западните земји ги засилија инспекциите врз танкерите од руската флота во сенка. Од крајот на 2024 година западните власти запреле или провериле најмалку 14 сомнителни танкери, додека Москва одговорила со испраќање воени бродови како придружба. Германската крајбрежна стража регистрирала вкупно 260 такви придружби во Балтичкото и Северното Море во период од нешто повеќе од една година.

Тензиите достигнаа критична точка на 30 јуни кога руска корвета се упатила кон активисти на организацијата „Гринпис“ кои со глисери се приближиле до руски танкер. Германската крајбрежна стража интервенирала за заштита на активистите, а германскиот командант успеал да ја смири ситуацијата преку радиоврска. Кремљ во септември испрати писмено предупредување до НАТО со закани за превентивни нуклеарни напади за заштита на интересите во Балтикот, дури и без напад врз руска територија, по што Пентагон кон крајот на октомври побара од балтичките сојузници да ја ублажат реториката.

Дипломатските ветувања беа ставени на тест кога украински беспилотни летала го нападнаа рускиот товарен брод „Спарта 2“, кој потоа навлезе во територијалните води на Финска. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека бродот превезувал вооружување, признавајќи дека дел од европските партнери се загрижени од таквите напади на Балтикот. Финските власти покренаа спасувачка операција во координација со Русија, огнот беше изгаснат, а на руската страна ѝ беше дозволено да го одвлече пловилото, со што се избегна директна конфронтација, додека портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, побара од балтичките земји да го искористат влијанието врз Киев за спречување слични инциденти.