Бугарскиот парламент одобри американско барање за користење на воздухопловната база Безмер како логистички центар за поддршка на операциите на САД на Блискиот Исток. Одлуката беше изгласана со 136 гласа „за“, 13 „против“ и двајца воздржани пратеници.
Според одобрениот план, од 24 јули до 1 октомври во базата Безмер ќе можат да бидат распоредени до осум американски авиони-танкери KC-135, до 250 припадници на воениот персонал, како и потребната придружна опрема.
Одлуката предизвика реакции во регионот, особено од Иран, додека бугарските власти уверуваат дека станува збор исклучиво за логистичка поддршка и дека од бугарска територија нема да се изведуваат воени операции.
Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека американските авиони ќе бидат користени само за логистички мисии и дополнување гориво во воздух. Министерот за одбрана Димитар Стојанов, пак, посочи дека се обезбедени сите неопходни гаранции за заштита на националната безбедност на земјата.
Иран со остри критики кон Софија
Иран реагираше на одлуката на Бугарија, оценувајќи дека со неа се дава поддршка на американските активности против Техеран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, во изјава за официјалната новинска агенција ИРНА посочи дека Бугарија е свесна оти американските напади врз Иран, кои тој ги нарече „продолжение на американско-израелската воена агресија“, претставуваат кршење на меѓународното право.
„Секое учество или соработка во подготовката или извршувањето на овие нелегални напади би претставувало соучество во кривичното дело агресија и воени злосторства“, изјави Багаи.
Тој изрази изненадување поради тоа што бугарскиот премиер Радев го разгледувал американското барање, оценувајќи дека таквиот чекор е спротивен на меѓународните обврски на Бугарија.
Иранскиот претставник се повика и на Резолуцијата 3314 на Обединетите нации, посочувајќи дека отстапувањето територија на една држава за извршување напад врз трета земја може да се смета за чин на агресија.
Багаи порача дека Иран ќе ги брани своите национални интереси и дека секоја држава која ќе учествува во воени активности против земјата ќе мора да одговара за последиците.
