Изградбата на граничниот премин меѓу Бугарија и Македонија „Струмјани – Берово“ може да започне откако во Министерството за животна средина и водни ресурси се потпишани потребните еколошки процедури, пренесува БНР.

– Најтешкиот пат со одобрување на извештаите за влијанието врз животната средина е веќе завршен, и тоа во пократок временски период од очекуваниот. Во меѓувреме, се координираат барањата за инфраструктурата на самиот премин во однос на царината и граничната контрола – изјави градоначалникот на општина Струмјани, Емил Илиев.

Паралелно со тие процедури, Илиев вели дека биле преземени активности за координација на институциите поврзани со одобрувањето на овој проект поради што смета дека работите можат да се случат многу побргу.

Осумкилометарската траса на патот до границата е исто така веќе одобрена, а избрана е пократката и поеколошка опција. Носител на проектот е локалната самоуправа на регионот Благоевград и Агенцијата за патна инфраструктура, а трошоците за негово спроведување изнесуваат 5,5 милиони евра.

Градоначалникот на општина Струмјани изрази уверување дека новиот граничен премин меѓу Бугарија и Македонија ќе биде оперативен до крајот 2029 година.

– Исто така, постои загриженост од страна на раководството на програмата Бугарија – Македонија дека таа нема да го достигне крајот на програмскиот период, но ние ќе направиме сè што е можно како локална самоуправа и секако, со локалната администрација, која е корисник, сето ова да се случи во рамки на овој програмски период од 2027 до 2029 година – изјави Илиев.

Македонската Царинска управа во октомври 2024 година започна активности за проектот за воспоставување на новиот граничен премин Струмјани-Берово (Клепало) со Бугарија, со инвестиција од 3,7 милиони евра. За овој проект обезбедени се 3,1 милиони евра грант од ИПА 3 Програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, а 551.548 евра се национално ко-финансирање.

Отворањето на преминот Клепало се очекува да ја зајакне регионалната поврзаност, олеснувајќи го сообраќајот на луѓе и стоки и да создаде услови за економски развој и туризам во Малешевскиот крај.