Како што јави дописникот на МИА од Софија, „Промените продолжуваат“ во овој пакет ќе ги има и министерствата за образование и за внатрешни работи, а се очекува актуелните привремени министри Николај Денков и Бојко Рашков да ги задржат своите досегашни позиции, додека министер за одбрана, според медиумските шпекулации, би бил преодниот премиер Стефан Јанев, кој од 12 мај на чело на двете преодни влади. Освен нив „Промените продолжуваат“ ќе ги земе и транспортот, културата и здравството, а досегашното
Министерство за економија се очекува да биде поделено на две – едното ќе биде за раст и иновации, а другото – ќе раководи со државните предпријатија. На позицијата министер за раст и иновации треба да застане Даниел Лорер, а другото ќе отиде кај Социјалистичка партија и ќе биде предводено од лидерот во оставка на БСП, Корнелија Нинова, која ќе биде и вицепремиер.
Се очекува БСП да ги добие и министерствата за земјоделство, туризам и социјална политика. Партијата на Слави Трифинов – „Има таков народ“ би ги добила Министерството за надворешни работи на чело со Димитар Гардев, кој е поранешен дипломат и шеф на партискиот меѓународен секретаријат, како и за енергетика, спорт и регионален развој со кое ќе раководи поранешниот пратеник Гроздан Караџов. Партијата „Има таков народ“ досега се уште не дала согласност да има вицепремиер во новата бугарска Влада.
Демократска Бугарија ќе ги добие Министерството за правда, со кое ќе раководи Надежда Јорданова, за е-Влада и дигитализација преку Божидар Бојанов и за екологија, во кое министерот Борислав Сандов ќе биде и вицепремиер за климатски промени.
Формулата за распределба на квотите на министерствата во идната бугарска Влада во моментов се очекува да биде 10-4-4-3.