Романските воздухопловни сили собориле уште еден дрон што неавторизирано навлегол во воздушниот простор на Романија, соопшти денеска Министерството за национална одбрана. Станува збор за трет таков случај во последните три дена.

Дронот бил соборен во 10:13 часот од борбен авион „Ф-16“ над романските територијални води на Црното Море, на околу 12 километри североисточно од Сулина.

„Дронот беше безбедно уништен во националниот воздушен простор над територијалните води“, соопшти Министерството за национална одбрана.

Романскиот претседател, Никушор Дан, изјави дека земјата ќе поднесе дипломатски протест до Москва поради нарушувањето на воздушниот простор на Романија.

„Им честитам на романските пилоти и на копнените тимови за професионалноста, храброста и ефикасноста со која ги извршуваат своите мисии. Со своите активности тие придонесуваат за заштита на националната територија и безбедноста на граѓаните“, напиша Дан на Фејсбук.