Најмалку 121 лице загина при лизгање на земјиште и поплави, предизвикани од првата бура што ги погоди Филипините годинава. Поради бурата, раселени се над 200.000 жители, соопштија денеска официјални лица, јави ДПА.
Повеќето од жртвите се од градот Бејбеј Сити во провинцијата Лејте, 599 километри јужно од Манила. Оттаму беа извадени 81 тело.
Триесет и една жртва има и во градот Абујог, што се наоѓа во близина.
Девет други жртви се евидентирани во шест провинции, погодени од тропската бура Меги, што удри на источниот брег на Филипините на 10 април.
Повредени беа над 240 лица, додека околу 204.000 жители беа принудени да ги напуштат своите домови.
ДПА додадав дека спасувачите продолжуваат да копаат низ густата кал и земја, барајќи исчезнати лица во Бејбеј и во Абујог.
Бурата оштети куќи, култури, сточарство и инфраструктура со проценета вредност од 137 милиони пезоси (2,6 милиони американски долари), соопшти националната агенција за катастрофи.
Филипинскиот архипелаг во просек е погоден од 20 тропски циклони секоја година.