Таа подвлече дека интенција на МОН и Владата при унапредување на квалитетот на националниот образовен систем била придобивките да ги почувствуваат сите ученици, независно на етничката или каква било друга припадност. Посочи дека МОН вложува во инфраструктурни услови во образованието подеднакво во сите општини, урбани и рурални средини, независно на етничкиот состав на населението.
– Учењето мајчин јазик не треба да биде привилегија. Тоа е основно право кое треба да биде овозможено секому. Ако детето учи на јазикот што прво ќе го слушне и најдобро го разбира, тогаш многу подобро ги усвојува наставните содржини и има попозитивен став кон училиштето. Кога децата можат во училиште да го користат својот мајчин јазик, тоа им го олеснува меморирањето знаења и важни информации, како и стекнувањето на низа други основни вештини, рече Царовска на настанот на кој меѓу претставници на државни институции од земјава присуствуваше и претседателот на Големото национално собрание на Турција, Мустафа Шентоп.
Честитајќи им го празникот на припадниците на турската заедница во Македонија, министерката потсети дека наставата на турски јазик е овозможена уште во 1944 година, а по осамостојувањето станува и уставна одредба чија имплементација е гарантирана од институциите на системот, со што, како што рече, се заштитува како суштинска општествена вредност која придонесува за развој на културниот плурализам.
Посочи и дека новите материјали за учење по сите предмети во основно образование, кои почнаа од оваа година, стануваат достапни на сите наставни јазици, меѓу кои и на турски јазик. Од 1 септември во употреба се нови учебници по турски јазик за прво и за четврто одделение.