Целта на оваа опсерваторија е да го унапредува квалитетот на наставата на сите образовни нивоа во сите земји членки на Советот на Европа кои ја прифатија иницијативата за нејзино основање или кои ќе се приклучат во иднина.
Како што информира МОН, Република Македонија од самиот почеток ја поддржа оваа иницијатива и продолжува да придонесува кон работата на опсерваторијата, a министерката Царовска очекува дека придобивки ќе имаат сите држави кои се дел од истата.
– Изучувањето на историјата е темел на демократската култура и затоа сметам дека идејата за основање на опсерваторијата е одлична. Таа е добро место каде преку размена на искуства меѓу државите, врзани за педагошкиот пристап во предавањето ќе се обезбедат придобивки и унапредување на образовните концепти кои земјите ги применуваат, рече Царовска.
Министерката истакна дека оваа научна област придонесува за развојот на демократско граѓанство, затоа што изучувањето на материјата го поттикнува поединецот на почитување на различностите и токму во таа насока, со најкрупните промени досега во областа на основното образование кои во моментов ги спроведува Македонија, опфатен е и предметот Историја, кој наместо од петто отсега се изучува од четврто одделение.