На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, надоместувајќи дел од загубите од претходната недела, но нивниот значителен раст ја спречува можноста за рецесија, а со тоа и слабеење на побарувачката на „црното злато“.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 3,9 отсто, на 79,04 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,6 отсто, на 74,29 долари.

Минатонеделниот раст најмногу се должи на корекцијата на цените, откако пред една недела потонаа за повеќе од 11 отсто и паднаа на најниските нивоа годинава.

Во првите три дена од минатата недела цените пораснаа, но во вториот дел од неделата повторно се најдоа во надолна патека бидејќи централните банки на западните земји продолжуваат да ги зголемуваат каматните стапки со цел да ја потиснат инфлацијата.

Tоа ќе го забави растот на економиите, а со тоа и побарувачката на нафта.

„Заострената монетарна политика веќе врши притисок врз индустриските активности. Можноста за дополнително заострување по острите коментари од претставници на централната банка влијаеше на расположението на пазарот“, велат аналитичарите на ANZ Research во белешката.

По серијата зголемувања од 0,75 процентни поени, минатата недела американската ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,50 поени, на опсег од 4,25 до 4,50 отсто, што е нивно највисоко ниво во последните 15 години.

Дополнително, проценките на челниците на централните банки укажуваат дека каматните стапки ќе се подигнат на повисоки нивоа од очекуваното и дека тие ќе останат на тие нивоа подолго од очекуваното.

А поради зголемувањето на каматните стапки забавува и растот на економијата. ФЕД проценува дека бруто домашниот производ (БДП) на САД ќе порасне за 0,5 проценти следната година, како и оваа година, но шефовите на неколку големи американски банки деновиве изјавија дека економијата може да западне во рецесија следната година.

Минатата недела европските, швајцарските и британските централни банки ги зголемија каматните стапки за 0,50 процентни поени.

На редовната седница челниците на Европската централна банка најавија дека ќе биде потребно дополнително значително зголемување на каматните стапки за да се потисне инфлацијата.

Иако ризикот од рецесија расте, Меѓународната агенција за енергетика предвидува закрепнување на кинеската побарувачка на нафта следната година за речиси милион барели дневно, по намалувањето во 2022 година.

Затоа агенцијата ја зголеми проценката за растот на глобалната побарувачка на нафта во 2023 година на 1,7 милиони барели дневно.

Од друга страна, аналитичарите од J.P.Morgan Commodity Research очекуваат дека САД ќе почнат да ги обновуваат своите стратешки нафтени резерви во првиот квартал на 2023 година, што треба да ги поддржи цените на „црното злато“.