Светот е на работ на бездна поради зголемениот ризик од нуклеарна војна, нерешавањето на еколошките предизвици и намалената способност за рационално решавање на проблемите, предупреди познатиот американски филозоф и лингвист Ноам Чомски.

Говорејќи за руските медиуми, Чомски, кој е почесен професор по лингвистика на Државниот универзитет во Аризона, го разјасни своето апокалиптично предвидување дека човештвото е патолошки предодредено за самоуништување.

Филозофот кој иако е на средината на десеттата деценија од животот, потсетува дека часовникот на судниот ден, кој симболично покажува колку човештвото е блиску до Армагедон, се придвижил кон полноќ, што го означува крајот на човештвото. Чомски дури сугерира дека во следните неколку дена тој часовник би можел уште повеќе да се доближи до полноќ.

Најголема опасност за човештвото е зголемениот ризик од нуклеарна војна, како и сериозно оштетената клима. Последниот проблем сè уште постои бидејќи државите не го прават она што знаат дека треба да го направат за да ја решат оваа криза“, вели Чомски, автор на повеќе од 150 книги.

Третиот најголем проблем, продолжува тој, е „отсуството на сериозна, рационална дебата и размислување“ во комбинација со „колапсот на демократските сили“ ширум светот.

Професорот признава дека иако се чини дека оваа точка нема никаква врска со заканата од нуклеарната војна и климатските промени, рационалната дебата е „единствената надеж за справување со првите две закани“.