Целиот статус го пренесуваме во целост:

-Најпрво сакам да изразам голема благодарност до вистинските херои, актуелни и пензионирани, кои деноноќно не чуваат и се грижат за нашата безбедност, поминувајќи го секој работен ден под стрес знаејќи дека секој момент можат да се најдат во ризична ситуација во која се должни да го чуваат законот, одржуваат јавниот ред и мир и да им помагаат на граѓаните, неретко и во најтешки услови и ситуации и по цена на сопствениот живот. Но, да не заборавиме дека не се само полициските службеници тие кои се под стрес и се жртвуваат. Тука се и нивните семејствата кои се свесни за ризикот кои го носат секојдневните работни задачи и се во исчекување.

Ја користам оваа прилика и да им одадеме почит на сите загинати храбри припадници на безбедносните сили кои несебично ги положија своите животи за безбедноста на татковината и граѓаните.

Слава им.

Борбата против организираниот криминал и корупцијата мора да биде императив на Македонија, а улогата на полицијата и МВР е од круцијално значење на тој план. Немам никаков сомнеж дека со добро менаџирање и мотивираност, колегите имаат одлучност, посветеност, храброст и стручен капацитет да се справат со сите безбедносни предизвици. Граѓаните без разлика на нивната верска, етничка и политичка определба и нашите евроатлански партнери очекуваат бескомпромисна борба против метастазираните криминални структури и воспоставување на општество во кое на пиедестал ќе биде владеењето на правото, правдата, редот.

За таа цел во периодот кој доаѓа неопходно е да се зајакнат материјално-техничките и кадровските капацитети за ефикасно справување со безбедносните закани и ризици. Дополнително, фокус треба да се стави на интензивирање на финансиските истраги и спречувањето на перење пари со цел поткопување на галопирачката финансиска моќ на криминалните структури и градење на механизми за брзо враќање на украдените пари на граѓаните.

Полицијата повторно треба да се врати со зголемено присуство во локалните заедници и да гради искрено и функционално партнерство манифестирајќи хуманост кон граѓаните, притоа грижејќи се за безбедноста на заедницата. Почитувањето на човековите права и слободи и недискриминаторскиот пристап треба да бидат водилки на тој план.

Со поддршка на ОБСЕ, ЕУ и другите партнери приоритетно е МВР конечно да воспостави мерит систем и систем на кариера кој ќе биде резистентен на политички влијанија, во кој стручноста, поминатите обуки, работното искуство, интегритетот и постигнати резултати ќе бидат фундамент во градењето на полицијата. Само така ќе се мотивираат колегите за поголема ефикасност од што бенефит ќе има целокупното општество.

Неопходно е да се зајакнат моралните, етички и други вредносни компоненти во МВР. Важно е да се креира систем и клима во кои ќе има нулта толеранција на сите нечесни, непрофесионални и корумпирани припадници кои го оцрнуваат угледот на мнозинството полициски службеници кои чесно и посветено се грижат за безбедноста.

Синдикатите треба да се ослободат од политичко влијание и да бидат вистински партнер и заштитник на полицијата и коректор на политиките на министерот.

Заштита на достоинството, угледот и интегритетот на полицаецот е заеднички императив и на МВР и на синдикалните организации.

Неопходно е МВР да склучи нов општоприфатен колективен договор со сите постоечки синдикални организации.

Треба да се развијат и нови форми на соработка во обостран интерес и на МВР и на полициските службеници со Меѓународната полициска асоцијација – ИПА, која преку мотото “Servo per Amikeco” (Служба преку пријателство) гради мостови на меѓународна соработка меѓу македонската полиција и полицијата од цел свет.

Дополнително, потребна е поголема транспарентност и отвореност кон медиумите, градење на партнерство и адресирање на иницијативите и загриженоста за одредени прашања на граѓанскиот сектор и научната заедница, како и вклучување на поголем број експерти од академската заедница и граѓанскиот сектор во едукативниот процес при градењето на капацитетите на полицијата.

Јас верувам дека македонската полиција со поддршка на граѓаните ќе израсне во модерна европска полиција која првенствено одговорно, непристрасно и достоинствено ќе им служи на граѓаните, ќе го брани суверенитетот и ќе ја чува безбедноста на државата и рамо до рамо ќе се носи и соработува со колегите од европските земји.

Почитувани и ценети колеги,

Нека Ви е честит Денот на полицијата со желби за професионален успех, здравје и лична и семејна среќа.

👮 Почитувани припадници на МВР, драги колеги,

Најпрво сакам да изразам голема благодарност до вистинските херои,…

Posted by Наќе Чулев on Friday, May 7, 2021