Секретарот на Црвениот крст на Град Скопје, Сузана Тунева Пауновска за „Слободен печат“ вели дека во моментов се прави проценка дали бездомните лица сакаат да се вакцинираат против ковид-19, а се прави анализа и на нивните хронични заболувања.
-Во моментов правиме проценка за тоа кои од бездомните лица кои ги имаме регистрирано сакаат да се вакцинираат против ковид-19. Исто така правиме анализа и на нивната здравствена состојба, со оглед на тоа дека поголем дел од нив имаат и хронични заболувања. До крајот на јуни планираме да завршиме со проценка, а до крајот на летото планираме да завршиме со вакцинацијата на бездомните лица. Важно е да се нагласи дека висок процент, односно околу 70 посто од регистрираните бездомници имаат здравствено осигурување. Нив ќе ги пријавиме преку страната „вакцинација.мк“, додека пак останатите кои немаат здравствено осигурување ќе ги вакцинирааме преку Црвен крст – вели Тунева-Пауновска.
Според неа, најпогодно ќе биде бездомниците да се вакцинираат со „Синовак“, бидејќи се смета дека оваа вакцина е „најблага“ во однос на симптомите и реакциите кои се појавуваат по нејзино аплицирање.
-Со оглед на тоа што овие лица живеат буквално на улица, важно е да примат вакцина од која помала е веројатноста да добијат покачена температура или некој друг симптом, затоа што никој не се грижи за нив, и ние како Црвен крст не можеме секогаш да знаеме каде се движат и каде ги поминуваат деновите и ноќите – додава Тунева Пауновска.
Сепак, засега заинтересираноста кај бездомниците да примат вакцина против Kовид-19 е многу мала.
Од Министерството за здравство велат дека вакцинирањето на бездомниците е предвидено за третата фаза од имунизацијата.
-Согласно Националниот план за ковид имунизација, во трeтата фаза за вакциниација се предвидени социјални групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца. Во оваа група спаѓаат и бездомниците. Вакцинирањето ќе биде ораганизирано на одредени пунктови, а повикувањето, односно нивно евидентирање, ќе биде во координација со МТСП – информираат од Министерството за здравство.