Впечатливо е што на списокот на личностите што ќе дадат воведни обраќања, покрај академик Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, се и актуелниот претседател Стево Пендаровски, како и поранешните шефови на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов. Покојните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров ги претставуваат проф. д-р Владо Поповски, некогашен советник на Трајковски и Живко Кондев, некогашен шеф на кабинетот на Глигоров.
Во годината кога Македонија слави 30-годишнина од независноста, по својата научна но и политичка тежина, ова е најзначајниот самит, кој веќе сега е наречен „претседателски“. На собирот, во пет сесии, ќе говорат голем број истакнати македонски научници. За овој собир, на кој на иста маса ќе седнат актуелниот и двајца живи поранешни претседатели, се зборува веќе подолго време. Се очекува во нивните поздравни говори да бидат упатени и многу сериозни политички пораки што ја засегаат политичката реалност во која се наоѓаме денес.