Поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски денеска на регионална конференција во Скопје предложи земјите од Западен Балкан да побараат од Европската Унија постепена интеграција и пред полноправното членство.
-Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство, туку како меѓучекор кој дополнително ќе не подготви за целосно интегрирање, рече Црвенковски на регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи.
Додека одлуките во Европската Унија се донесуваат едногласно со целосен консензус и додека постојат лимитирачки фактори во евроинтегрирањето, важно е земјите од Западен Балкан, нагласи Црвенковски, да ги завршат работите што зависат само од нив – да ги спроведат неопходните реформи – не затоа што Брисел тоа го бара, туку затоа што тоа е добро за граѓаните.
Да го совладаме најголемото зло – корупцијата и да обезбедиме неселективна правда и целосно почитување на правото, рече поранешниот шеф на државата на конференцијата која денеска во Скопје ја организираат Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.
За она што, пак, зависи само од центрите во ЕУ, смета дека земјите на Западен Балкан имаат избор меѓу две опции – да останат пасивни и да чекаат или да покажат иницијативност и да и помогнат на ЕУ да дефинира нов пристап кон Западен Балкан.
-Предлогот за реформирање на ЕУ т.е. за замена на консензуалното одлучување со квалификувано мнозинство, со што би се укинало правото на вето кое досега го имаше секоја членка, како и владеењето на правото да стане највисок критериум, според Црвенковски, е неизвесно дали ќе почне и колку ќе трае и коректно е, рече, „кога се спомнува 2030 како термин за можно проширување, реченицата да се дополни со ’доколку Унијата дотогаш се реформира и се подготви за проширување’.
Осврнувајќи се на интегрирањето на Западен Балкан во ЕУ кое, рече, се одвива „недозволиво споро со периоди на целосен застој и без каков било исчекор напред“ и зборувајќи конкретно за нашата држава, посочи дека голем дел од причините лежат во нашите сопствени слабости, меѓу кои ги наведе „недозволиво висок степен на корупција и разни видови организиран криминал, неефикасен судски систем – корумпиран и подложен на политички влијанија, партизирана и неефикасна администрација, донесени европски закони кои се имплементираат на балкански начин, реформи кои или се пролонгираат или се спроведуваат половично.
ЕУ декларативно се залага за проширување, додаде Црвенковски, но во реалноста не е подготвена за тоа.
Принципот на одлучување по пат на целосен консензус ја оневозможува да одлучува и делува брзо и ефикасно. Доаѓа до чести бпокади, а барањето компромис прифатлив за сите резултира со половични решенија, рече поранешниот претседател.
-За интегрирањето на нашата држава во ЕУ, која има кандидатски статус од 2005 година, Црвенковски посочи на направените „болни отстапки“ за промена на уставното име. Сепак, освен членството во НАТО, не добивме датум за почеток на преговорите со ЕУ поради појавениот билатерален спор со Бугарија кој, рече, е за „прашања кои немаат никаква допирна точка со копенхашките критериуми.
Ни се оспорува нашиот национален идентитет и историски континуитет. Во случајот со Македонија се направија сите можни прседани и се демонстрираше целосна непринципиелност од страна на ЕУ во однос на почитувањето на основните вредности на кои се темели самата Европска Унија, кажа Црвенковски.