Кампања за подигнување на свеста за донирање органи
Во рамки на националната кампања што се спроведува под мотото „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста!“, анестезиологот Азби Агуши од Клиниката ТОАРИЛУЦ упати апел за поддршка на процесот на донирање органи и трансплантација.
Тој посочи дека поддршката на трансплантацијата значи директна помош за луѓето на кои органите им се неопходни за нормален живот.
„Говорејќи за трансплантацијата на органи, мојата порака е да се поддржи овој процес не поради фактот што има потреба здравствениот систем, туку пораката е да ја поддржиме трансплантацијата бидејќи на тој начин се поддржуваме самите себе, на тој начин им помагаме на луѓето од сите категории, особено на луѓето што имаат животна потреба од органи, кои во многу случаи, во многу ситуации, немаат можност да имаат нормално функционирање во текот на нивниот секојдневен живот.“
Повик за поголема свест и поддршка
Агуши нагласи дека трансплантацијата претставува и хуман и благороден чин, бидејќи им овозможува нова шанса на пациентите.
„Мојата порака е дека со подигнување на свесноста да поддржиме процес кој има повеќегодишна историја, особено во нашата земја во последните години, има голем одек и на тој начин ние го имаме одржано целиот овој процес – посочува д-р Агуши во видеообраќањето.“
Тој порача дека е потребна поддршка од целото општество за понатамошен развој на процесот.
„Апелираме за поддршка од сите општествени сфери, бараме повисока свест, бидејќи како држава, како здравствен систем, имаме направено многу овој процес успешно да се реализира. Значи, да си помогнеме со поддржување на овој процес, со кој им помагаме на луѓето што имаат потреба за подолг живот – потенцира д-р Агуши.“
