Епидемиологот Драган Даниловски, во објава на Фејсбук, излезе со објаснување за западнонилската треска, откако во јавноста беше објавено дека осум случаи дале невроинвазивна форма на болеста.
„Во Македонија досега се регистрирани осум случаи на Западнонилска треска. Сите регистрирани пациенти имале тешка, невроинвазивна форма на болеста, со зафаќање на централниот нервен систем. Оваа информација заслужува малку подлабоко епидемиолошко разгледување. Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции? Тоа е прашањето што бројката сама по себе не може да го одговори“, вели Даниловски.
„Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика. Асимптоматските инфекции остануваат невидливи, а дел од лесните случаи веројатно никогаш нема да бидат препознаени како Западнонилска треска. Оттука, осумте регистрирани случаи се видливиот дел од една епидемиолошка „санта мраз“. Нејзиниот подводен дел – вкупниот број инфекции во популацијата – не го знаеме“, објаснува епидемиологот.
Без горново објаснување, како што наведува тој, објавените информации во медиумите дека „сите регистрирани случаи имале тешка, невроинвазивна форма на болеста“ лесно можеле да бидат погрешно прочитани како:
„Западнонилската треска кај нас предизвикува тешка болест кај сите заразени“. И дека штом е така, логично, вирусот станал поагресивен. Што, се разбира, нагласува Даниловски, не е точно.
„Од особено епидемиолошко значење е и фактот што најголемиот дел од досега регистрираните случаи се автохтони. Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението.
Во оваа фаза најважни се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците и личната заштита од убоди. Значи, во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа.За поширокиот контекст на Западнонилската треска и другите заболувања што се пренесуваат со вектори, на 6 јули објавив подетална анализа: „Како климатските промени и векторите ја менуваат епидемиологијата на заразните болести“, истакна доктор Даниловски.
