– Не ми е јасно зошто ваква одлука после дадена вакцина на 20 милиони луѓе во Велика Британија со една доза, цела Малта (иако е мала), како и многу други држави. Огромен број луѓе се вакцинирани, а 90 отсто од нив се помлади од 60 години. Може да останат со една доза имунизирани, но тоа нема да биде доволно, ќе трае пократко заштитата. Не знам зошто не би примиле втора доза кога веќе ја примиле првата – вели Пановски.

Теоретски, вели тој, може да се примат две различни дози, на пример, една од АстраЗенека, друга од друга фирма-производител, но тоа не е истражувано.

– До јуни теоретски може да се примат две различни дози. Некои препорачуваа да не се дели дозата, други препорачуваа да се прими втора доза од било која друга вакцина. Но, за ова е само расправано, а не и истражувано – додава професорот.

Германија вчера ја ограничи употребата на „АстраЗенека“ и одлучи да не ја дава на лица помлади од 60 години. Како што информираа тамошните власти, одлуката е донесена врз основа на податоци во моментов за појавата на ретки, а сериозни несакани ефекти поврзани со венска тромбоза.

Кај нас, во 12 градови започна вакцинацијата со „АстраЗенека“ на лица повозрасни од 77 години. Процесот на имунизација се одвива во скопските поликлиники „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“, во здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Ова е почетокот на масовната имунизација на населението, со 24.000 вакцини на оваа компанија кои стасаа минатата недела во земјава.