Директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, д-р Александар Петличковски, во гостувањето на „Сител“ изјави дека само комбинирање на мерките, односно рестрикции и масовна имунизација може да даде добар резултат во борбата против Ковид-19.
Во однос на имунизацијата со вакцината на „АстраЗенека“, Петличковски вели дека не е логично таа да е помалку безбедна за лицата кои се на возраст под 60 години.
Мислам дека ова се некои статистички исечоци кои покажуваат некакво почесто случување на тие несакани ефекти. Но, реално кога сѐ ќе се сумира, мислам дека повторно прашината ќе спласне и „АстраЗенека“ ќе си се врати во редот на безбедни вакцини – смета Петличковски, додавајќи и оваа вакцина ја става во иста безбедносна граница како и останатите.
Тој потенцира дека е првиот кој би се вакцинрал со „АстраЗенека“.
За кинеските вакцини, кои всушност треба да пристигнат во Македонија во најголем број, Петличковски вели дека податоците за нивната ефикасност доцнеле на почетокот. Сепак, тој појаснува дека се работи за безбедни вакцини кои имаат пониска стапка на ефикасност.
Петличковски истакна и дека оние пациенти кои ќе се вакцинираат, немаат потреба да прават серолошки тестови за да проверат дали имаат антитела.
Проверувањето на антителата или дали биле 5 или 15 тоа не влијае на одлуката дали човек ќе се вакцинира или нема да се вакцинира. Значи, од научен аспект е важно да знаеме како организмот се однесува, колку имал антитела пред вакцината, колку имал по првата, колку по втората доза за да можеме да изградиме некаков пристап, некаков алгоритам и да кажеме по прва вакцина добиваме многу висока концентрација на антитела. Не мерлива, туку повисока концентрација отколку кај луѓе со две дози. Евентуално за потврдување на мината болест имав симптоми пред месец, шест месеци, тука ќе ни помогнат антителата. Дали се една или друга вредност, тоа не може и не треба да влијае на одлуката за вакцинација – вели Петличковски.