Обвинувања за блокада со амандмани
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека СДС и Левица со повеќе од 10.000 амандмани го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик, иако, како што рече, текстот со месеци се усогласувал со сите политички партии.
Според Манасиевски, блокадата доаѓа во момент кога требало да се овозможи поефикасен изборен процес и електронско гласање за македонската дијаспора.
Спор околу гласањето на дијаспората
Манасиевски оцени дека СДС се противи на електронското гласање за македонската дијаспора, бидејќи, според него, стравува од изборен пораз.
„СДС директно се спротивставува македонската дијаспора да гласа по електронски пат, со единствена цел да го намали убедливиот пораз што им следува на следните парламентарни избори“, изјави Манасиевски.
Повик за повлекување на амандманите
Во своето обраќање, Манасиевски ја обвини и Левица дека го блокира донесувањето на законикот, иако, според него, при подготовката биле прифатени сите нивни барања.
Тој тврди дека барањата на Левица се однесувале на поголеми финансиски средства за финансирање на изборните кампањи, но дека партијата сепак не дала поддршка за законското решение.
Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека остануваат отворени за разговор и ги повикаа СДС и Левица да ги повлечат поднесените амандмани и да предложат решенија за изборниот процес. Како што велат од партијата, целта е да се овозможи електронско гласање на дијаспората на следните претседателски избори и да се намалат трошоците за нивно организирање.
