Две малолетнички, поврзани со врсничкото насилство во општина Аеродром, како и нивните родители биле повикани во полициска станица, каде е извршен разговор со нив, по што ќе следуваат и соодветни кривични пријави, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Од МВР информираат дека на 1 јули во 19:30 часот, 31-годишна жена пријавила дека нејзината 12-годишна ќерка, претходната вечер во парк во Општина Аеродром, најпрво била принудена во два наврати да клекне на колена и да се извинува, по што била физички нападната од 14-годишна малолетничка. Нападот продолжил и од друга малолетничка, додека повеќе присутни малолетници го снимале целиот настан со мобилни телефони.
Во текот на истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со двете малолетнички во присуство на нивните родители. За случајот биле известени јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.
МВР соопшти дека продолжува со утврдување на идентитетот и на останатите инволвирани малолетници за целосно расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичните дела „насилство“ и „запуштање и малтретирање на малолетно лице“, со кои ќе бидат опфатени и родителите на малолетничките.
