Во однос на погрешната проценка на министерот за здравство на почетокот на пандемијата дека во Македонија ќе има 2.500 заболени, а до денеска има 148.618, д-р Зафиров вели дека е тоа огромна грешка.

– Комисијата за заразни болести која му е советодавно тело треба да знае. Пандемијата не почна во Македонија. Ние како професионалци коишто работевме и тогаш во болничките установи знаевме дека пандемијата ќе дојде и кај нас, дури и по клиничката слика кога уште не беше почната пандемијата знаевме дека децата коишто ги лекувавме по клиничката слика дека се ближи моментот кокга и кај нас ќе дојде. Но, немавме тест и кога објавивме дека првата заболена беше тестирана надвор од Македонија, во Ниш, рече д-р Зафиров.

Според него, сето тоа укажува со каква концепција работеле одговорните за ситуацијата.

– Дојде момент да се бара кревет повеќе и она што е многу значајно, не е само да се обезбеди кревет, друго е да се обезбеди квалитетно лекување. Голема грешка се направи уште во почетокот, кога матичните лекари, не по своја вина беа исклучени од лекување, смета д-р Зафиров.

Како што рече, цената за задоцнетото поставување и на 16-те модуларни болници во Македонија ја плаќаат секако граѓаните.

– Голем број од нив се пензионери кои редовно плаќале доприноси за здравствено осигурување и кога здравстевниот систем им е најпотребен не добија туку некои од нив мораа да се лекуваат на приватни клиники, мораа да продаваат станови, да земаат кредити, за да се лекуваат таму. Здравстевниот систем не се снајде и не беше добро организиран и тоа неминовен факт. И по овие над 4.500 починати има се уште момент да се отрезниме, да поставиме стратегија и да започнеме нешто ново, рече д-р Зафиров.