Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) апелира што поскоро да се реши статусот на околу 4700 наставници и стручни соработници во образованието односно нивниот работен статус да биде регулиран со договори за вработување на неопределено време.

-Поради тоа е и главното наше барање договорите за вработување на определено време да бидат најмногу до една година, уште повеќе поради случајот со околу 4700 наставници и стручни соработници во образованието кои зависат од одлуката на пратениците за решавање на нивниот егзистенцијален статус, за обезбедување сигурна и достоинствена работа и плата, соопшти ССМ.

Наведува дека како единствен репрезентативен синдикат во јавниот сектор и во приватниот сектор секогаш застанува во одбрана на работниците и се бори за нив во сите сектори, а поради недоволна заштита на работниците во образованието, информира дека ќе ги организира просветните работници во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија во нов прогресивен синдикат за образование.

-Тој секогаш ќе стои во одбрана на нивните работнички права, а работниците слободно ќе можат да ги искажат своите ставови и заедно со ССМ да ги остварат своите права. Со постапките на сите чинители во општеството потребно е заднички да придонесеме, работниците од образованието да се чуствуваат достоинствено и да не се плашат за сигурноста на своите работни места, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија.