Најдени се и несоодветни залихи на мазут. Ќе се прават и анализи за да се види дали земјите кои извезувале за компании во Македонија го декларирале продуктот како мазут или подоцна бил променет тарифниот број и во земјава влегло како мазут.
Владата ги задолжила надлежните институции во наредните седум дена да изготват еден сублимиран извештај во врска со сите направени контроли по што наодите ќе бидат презентирани пред јавноста.
– Прво, деталните информации ни беа доставени вчера во вкупно шест или седум точки на владина седница каде што реферираа министерот за економија, министерот за екологија, директорот на Царина, директорката на Државниот пазарен инспекторат и директорката на Државниот инспекторат за заштита на животната средина. Тие ги доставија своите извештаи. Владата даде дополнителни задолженија во рок од седум дена да се изготви еден сублимиран извештај за да може и јавноста полесно да го сфати. Не се најдени наоди за сулфур поголем од дозволениот еден процент, но се најдени наводи за повеќе количина на вода од дозволената во мазутот. Најдено е дополнително прашина или не знам тој дел што е недозволив во делот на мазутот, најдени се несоодветни залихи коишто се пропишани по Законот и по Правилникот од Министерството за економија и соодветно на тоа самите инспекторати издаваат решенија, а секако и ги препраќаат до други институции како што е РКЕ надлежна да ги контролира неопходните залихи, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој информира дека Владата по дискусијата по ова прашање дала дополнителни задачи како што се потребата да се направи компаративна споредба на тоа што е излезено од земјите преку токму овие компании увознички и тоа што е влезено.
– Така што, ако влегол мазут кај нас дали излегол од земјите извознички како мазут, дали е тоа масло или не знам какви други тарифни броеви или слично да се утврди токму и тоа за да не се случи манипулација и да се извезува од одредени земји одреден продукт по одредена тарифа, попатно патувајќи да се сменат самите царински документи и декларации, па да се увезе мазут, тоа е исто така многу важно. Ја испраќа пораката. Драго ми е што се бараат дополнителни начини за да има контрола, односно механизми како да се направи контрола на структурата на нафтата и на нафтените деривати и да не полагаме само надеж на приватни лаборатории, туку и на нашите државни лаборатории, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот во изградбата на детска градинка во општина Аеродром.
Премиерот најави дека конечниот сублимат ќе го соопштат за седум дена, на следната седница на Влада.
– Следниот вторник кога ќе биде даден еден сублимат само од царина на овие прашања и еден сублимат од сите институции, тоа се трите – двата државни пазарен инспекторат и Царина и двете министерства – екологија и економија како еден заеднички сублимат за да може да и се соопшти на јавноста, рече премиерот Заев.