Шефот на македонската полиција не сака да ги обелодени своите планови за политичката кариера во иднина. Имајќи предвид дека наредната година ќе се одржат парламентарни и претседателски избори, Спасовски не сака да коментира каде се гледа себеси во таа перспектива. Смета дека во фокусот треба да биде остварување на заложбите за интеграција на земјата во Европската Унија и на ветувањата дадени кон граѓаните. Сепак, тој потенцира дека е нормално, секој политичар, вклучувајќи се и себеси, да има стремеж да стаса до повисока позиција.
„Јас нема да бидам во политиката ако немам политички амбиции и сум долго време тука, меѓутоа политичките амбиции на еден политичар не значат амбиции за остварување на лични цели. Моите политички амбиции се да ги оствариме целите на државата. Исто како кога како премиер бев дел од потпишувањето на протоколот за членството во НАТО или подигањето на македонското знаме пред НАТО. Следната цел која силно ја посакувам е токму членството во ЕУ да бидеме дел од големото европско семејство, да дадеме сериозна шанса на младите луѓе, тие коишто ќе бидат тука и ќе ја градат Северна Македонија. Така што, тие се моите цели. За личните цели мислам дека ниту е време, ниту има простор сега да разговараме затоа што државата и граѓаните се пред сѐ“,
вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју за Радио Слободна Европа.