-Ајде да расчистиме со дилемите!

Не постои причина лице кое прележало ковид да не се вакцинира, независно дали развило или не антитела!

Во ниту една земја во светот во која се спроведува масовна вакцинација, на пример, Израел, САД, Обединетото Кралство и сите други, воопшто не се прашува дали некој прележал ковид и колку време поминало од прележувањето – а камоли да се прават серолошки тестови пред вакцинирањето!

Една најнова аргентинска студија покажала дека после давање на една доза на вакцина (Спутник В) кај прележани од ковид, се развил повисок титар на антитела, отколку кај оние што примиле две дози, а претходно немале ковид.(1) (Патем, ова е доказ дека не постои ризик по здравјето на прележаните лица ако се вакцинираат.)

Ова покажува дека кај прележаните била доволна само една доза за да развијат полн имунитет. Прележаноста на болеста играла улога на прва доза на вакцина.

Ставот да се почека да поминат шест месеци се темели на фактот што бројот на вакцини кај нас е ограничен и фер е прележаните да се стрпат, додека да се вакцинираат оние без никаква заштита.

Во врска со изнесените ставови во јавноста дека оние што прележале ковид треба да направат серолошки тест и да си ги определат антителата пред да се вакцинираат, две студии (една во Израел и друга во Катар), покажале дека серолошките тестови не рефлектираат имунитет. Студиите заклучиле дека испитаниците (12.000 во Израел и 40.000 во Катар), независно дали имале или немале антитела, во тек на период на следење од 35 недели, многу ретко повторно се заразиле (0,02% или 1 на 5.000).(2)

Интересно е што стапките на реинфекција изнесени во овие студии се многу пониски од оние во една данска студија. Во неа е заклучено дека прележаните од ковид помлади од 65 години имале ризик за реинфекција од околу 20%, а постарите од 65 години дури околу 50%.(3), вели Даниловски во Фејсбук коментар.