Данска повторно постепено се отвора, бидејќи стапката на инфекцијата со коронавирус падна по сеопфатните мерки за заклучување воведени во декември минатата година, со цел да се спречи ширењето на позаразната мутација.

-Со неколку исклучоци, данското општество ќе се отвори кога на сите постари од 50 години ќе им се понуди вакцината, изјави данската премиерка Мате Фредериксен.

Данска очекува до крајот на мај да се вакцинираат сите над 50-годишна возраст. Првата доза од вакцината минатата недела ја примија малку над 600.000 Данци.

Почнувајќи од 6 април, повеќето студенти ќе можат да ја продолжат наставата, додека некои услужни професии, како што се фризерниците и салоните за тетовирање, ќе може повторно да се отворат, според планот усвоен од парламентот доцна синоќа.

Вратите на големите трговски центри ќе се отворат на 21 април, додека кината и рестораните ќе продолжат со работа на почетокот на мај.

Целосното отворање на данската економија зависи и од воведувањето на „ковид- пасошите“, кои покажуваат дали сопственикот на тој документ е вакциниран, имал коронавирус или бил тестиран во изминатите 72 часа.

Соседите на Данска – Шведска, Финска и Норвешка, во последните неколку недели забележаа брз раст на инфекцијата со коронавирус, принудувајќи ги да ги вратат ограничувањата.