Данската Влада денеска предложи закон според кој палењето примероци од Куранот на јавни места ќе биде казниво со закон, но законот во однос на првобитната верзија е изменет.
„Предлог-законот конкретно таргетира содржини кои се од суштинско верско значење за верската заедница“, соопшти данското Министерство за правда, пренесува дански „Политикен“.
Данскиот министер за правда Питер Хумелгард рече дека е важно законот да биде многу прецизен.
„Одлучивме да го прилагодиме законот, тоа го направивме врз основа на консултации со полицијата и поради стравот дека првобитната верзија на законот ќе биде премногу тешка за спроведување во пракса“, рече Хумелгард.
Во новиот предлог-закон, измената се состои во правење разлика меѓу предмети од верско значење и списи од верско значење.
Новиот предлог-закон е насочен на сквернавење на списи од верско значење, додека првата верзија на законот предвидуваше дека тој се однесува на сквернавење на сите предмети од верско значење. Данска, но и Шведска имаа проблем од почетокот на годината бидејќи противниците на исламот запалија и оштетија неколку примероци од Куранот, што предизвика гнев кај муслиманите ширум светот.