Обезбеден обемен доказен материјал – јавноста наскоро ќе ја дознае вистината

Истражните органи се на висина на задачата во истрагата за трагедијата во Кочани. Ова го изјави професорот Борче Давитковски. Според него, темелната анализа на доказите собрани од инспекторатите, министерствата и локалната самоуправа дава надеж. Надеж дека вистинските виновници наскоро ќе бидат откриени.

Како експерт по управно право, Давитковски очекува истрагата да даде одговори и за улогата на екс-министерот за економија Крешник Бектеши, како и за поранешниот градоначалник на Кочани.

„Факт е дека документот за лиценцата го потпишал друг, но дали имало некаков притисок од министерот врз државниот секретар – тоа треба да го утврди истрагата. Градоначалникот, иако можеби нема директна вина, сепак сноси објективна одговорност, бидејќи ова се случи во неговиот град. Добро е што си даде оставка“, изјави Давитковски за Сител.

Дискотеката била складиште без соодветни услови

Според професорот, дискотеката каде што се случила трагедијата била складиште без соодветни услови. Тој нагласува дека локалната самоуправа имала механизми за контрола, особено преку инспекциските служби.

„Кочани не е голем град, ова диско функционирало со години. Како градоначалник, барем за гласната музика можел да реагира. Инспекцијата можела да интервенира и можеби ќе се спречеше оваа трагедија“, додава Давитковски.

Давитковски: Полицијата работи според законските рокови

Истражните органи во првите 70 часа од трагедијата покажале професионализам и почитување на законите, смета Давитковски. Тој истакнува дека е собран значаен доказен материјал и дека надлежните институции веќе применуваат регулативи од повеќе правни области, вклучително и законот за локална самоуправа и регулативите за трговски друштва.

„Сеопфатниот пристап дава надеж дека ќе има резултати. Граѓаните треба да бидат трпеливи и да им дозволат на полицијата и обвинителството да ја завршат работата без непотребен притисок“, апелира професорот.

Според него, во следните 48 часа ќе бидат обезбедени дополнителни докази кои ќе овозможат барање за продолжен притвор на осомничените.

Извор: Сител