Турскиот актер Серхат Мустафа Килич е пронајден мртов во својот стан во истанбулската населба Кијагитхане. Причината за неговата смрт сè уште не е утврдена, а надлежните органи започнале официјална истрага за случајот, објави „Хуриет дејли њуз“.

Килич имал 51 година, а на публиката ѝ е најпознат по улогите во турските серии „Езел“, „Ветување“, „Марашли“ и „Осман Основачот“.

Според полициското соопштение, телото на актерот во саботата го пронашла неговата девојка. Таа не можела да стапи во контакт со него неколку дена, по што отишла да го побара во неговиот дом.

Телото на Килич е испратено во лабораторија на дополнителни анализи, кои треба да помогнат во утврдувањето на причината за смртта. Според првичните полициски сознанија, на неговото тело не биле пронајдени траги од надворешни повреди.

Во исказот даден пред полицијата, девојката на Килич навела дека актерот боледувал од рак на лимфните јазли. Таа, исто така, признала дека тој користел кокаин во последните шест месеци, објави веб-страницата „Хаберлер“.