Утре во периодот од 8 до 22 часот, ќе има прекин во снабдувањето со вода за пиење од водоводот Росоки-Дебар и без вода ќе бидат жителите на градот Дебар, како и селата низ кои минува цевководот – Долно Косоврасти и Рајчица.
Според Бурим Каба, директор на Јавното комунално претпријатие „Стандард”, кое стопанисува со водоводот, прекинот во водоснабдувањето е поради продолжување на проектот за замена на старите вентили, што почна со реализација во ноември минатата година.
– Во три наврати, во ноември, февруари и на 16 март извршивме замена на 25 воздушни и испустни вентили од каптажата па долж цевководот. Вкупно се 66 вентили, што значи дека остануваат за замена уште 41, сите поставени пред три и пол децении, кога е и изграден водоводот. Од корисниците бараме разбирање и трпение, зашто секој зафат е во правец на што понормално снабдување, рече Каба.
Проектот се реализира со средства од буџетот на Општина Дебар, а работите ги изведува фирмата „СмС холдинг” – Скопје, заедно со вработените на „Стандард”.