Отпадот се отстранува во непрописни депонии без обезбедени минимални стандарди, со исклучок на Дрисла. Јавната свест за постапување со отпадот е се уште на ниско ниво. Потребно е институционално зајакнување на сите чинители вклучени во системот на управување со отпад, зајакнување на капацитетите на инспекциските служби, подигнување на јавната свест за постапувањето со отпадот.

Ова се дел од заклучоците на сесијата на Работната група 5 Животна средина (Поглавје 27), тема „Отпадот – загадувач или ресурс? Како до поголема имплементација на новиот закон за управување со отпад“, на Националната конвенција за ЕУ во  Македонија, во организација на Европското движење.

Заменик-министерката за животна средина Христина Оџаклиеска, потсети дека годинава е донесен новиот Национален план за управување со отпадот за следните десет години и шест нови законски решенија што го уредуваат собирањето, транспортот, селектирањето, рециклирањето на отпадот како и неговиот третман и искористување.

– Невозможно е да се постигне целта без координација и заемна поддршка и соработка со сите релевантни институции, како и имплементација на законските решенија во пракса. Паралелно со планот за иградба на регионалните депонии неопходно е да се препознае вредноста на отпадот како ресурс кој повторно може да се врати во економскиот систем трасирајќи го патот во развој на циркуларрната економија иако во прв план останува обврската сите како граѓани да дадеме свој придонес во намалување на количините на отпадот што го создаваме. Сосема е погрешен пристапот кога никој од нас не прави ништо бидејќи секој поединец мисли дека придонесува малку. Прогресот е невозможен без промени, рече Оџаклиеска.

Ана Мазнева-Каранфиловска, раководител на Сектор за отпад при МЖСП, потсети на усвоените законски решенија за управување со отпадот, истакнувајќи дека е неопходно рационализирање на дефинициите за да се обезбеди ефикасно и јасно спроведување на законите за управување со отпад што овозможуваат да се постигнат и целите на кружната економија. Овие, посочи таа, вклучуваат – отпад, укинување на статусот на отпад, секундарна суровина, рециклирање, преработка, повторна употреба, подготовка за повторна употреба, преработка за добивање енергија.

– Заради постигнување на целите на животната средина и заштитата на здравјето на луѓето, при развојот на политиките и законодавството за управување со отпадот, се применува следната хиерархија при управување со отпадот со следниот приоритет – спречување создавање отпад, подготовка на отпадот за повторна употреба, рециклирање на отпадот, други типови на преработка на отпад, отстранување на отпадот, рече Мазнева-Каранфиловска.

Таа истакна дека новите додадени концепти во Законот за управување со отпад треба да гарантираат дека вредните материјали не се фрлаат непотребно, а наместо тоа, се реинкорпорираат во производниот процес, со што се отстрануваат бариерите за постигнување кружна економија, посочувајќи го како важен овој фокус кон кружната економија.

– Контејнерите за комунален отпад за граѓаните не смеат да се користат од страна на правни лица. Овој отпад не смее да заврши на комуналните депонии затоа што е вреден ресурс. Ако ги почитуваме законите можеме да ги постигнеме посакуваните идни регионални системи за управување со комунален отпад, рече Мазнева Каранфиловска.

Словачката експертка Ивана Малеш, директорка на Словачкиот центар за циркуларна економија, истакна дека целите на Словачка се до 2030 година за 60 проценти да се зголеми рециклирањето на отпадот, а до 2035 депонирањето на отпадот да се намали на помалку од 25 отсто.

– Словачка произведува 12 милиони тони отпад годишно. Од таа количина 50 отсто се депонира на депонии, 41 отсто се сортира и се рециклира, додека девет отсто се спалува. Целите за рециклирање се исти како и во сите земји од ЕУ и ние треба да ги исполниме, односно 50 отсто рециклиран отпад во 2020 и 65 отсто до 2025 година, рече Малеш.

Таа додаде дека секоја година словачкото законодавство е порестриктивно кон општините во областа на управувањето со отпадот, додека свеста кај населението за отпадот, рециклирањето и спречувањето на отпадот е се уште на многу ниско ниво.

– Најголем дел од отпадот во општините во Словачка е био-отпад, што не може да се стави на депонија бидејќи создава емисии на метан и речиси 40 од нашиот резидуален отпад е био-отпад, затоа одлучивме да воспоставиме систем на собирање на био-отпадот во секоја општина. Од 1 јуни 2021 секоја општина е обврзана да собира кујнски отпад во секое домаќинство. Во семејни домови и во згради секое домаќинство во Словачка мора да има канта за собирање кујнски отпад, истакна Малеш.

Јадранка Иванова, експерт за апроксимација за програмата „Поддршка за албанските ЕУ преговори во Животната средина, Поглавје 27“, посочи дека земјава е се уште на почетно ниво на управувањето со отпад.

– Постои минимална селекција на отпадот. Отпадот се отстранува во непрописни депонии без обезбедени минимални стандарди, со исклучок на Дрисла, регионалното управување не постои, извештаите за постапување со отпад не се подготвуваат и објавуваат согласно законските барања, градоначалниците не ги спроведуваат своите обврски а МЖСПП не ги користи правните мерки за делување врз општините, истакна таа, додавајќи дека и бизнис-секторот многу малку спроведува селектирање, а кружната економија речиси и да не постои.

Иванова информира дека само 21 општини со Градот Скопје, од вкупно 80, доставуваат податоци за комуналниот отпад, оценувајќи дека се слаби административните капацитети на централно и на локално ниво.

– Без точни податоци за количините на создаден отпад тешко ќе може да се преговараат транзиционите периоди за постигнување на целите од директивите за отпад. Кружната економија треба да биде обврска не само на МЖСПП туку и на Министерството за еономија и Владата во целина, рече Иванова.