Две третини од граѓаните сметаат дека интернетот негативно влијание врз децата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 66,6% од граѓаните го оценуваат како негативно влијанието на интернетот врз децата, додека 24,3% сметаат дека има позитивно влијание. Според етничката структура, 71,3% од Македонците сметаат дека интернетот има негативно влијание врз децата додека кај етничките Албанци процентот на граѓани кои гледаат негативно влијание изнесува 49,4%. Позитивно влијание на интернетот врз децата гледаат 20,4% Македонците и 37,9% етнички Албанци.

Над три четвртини од граѓаните сметаат дека децата поминуваат премногу време на интернет.

Ваков став делат точно 78,8% од анкетираните додека само 2,3% сметаат дека децата поминуваат премалку време на интернет. 11,6% од граѓаните се на ставот дека времето што го поминуваат децата а интернет е соодветно.

Дури 85% од анкетираните сметаат дека интернетот има влијание на зголемување на социјалната отуѓеност на децата додека 8,6% сметаат дека нема влијание.

Близу 88% од сите граѓани се на ставот дека треба да биде ограничено времето кое децата го поминуваат на интернет додека само 6,9% се на ставот дека не треба . Огромно е и мнозинството на граѓани кои сметаат дека државата треба да забрани одредени апликации, игри или социјални мрежи кои се несоодветни за малолетните лица. Ваков став делат 84,9% од анкетираните додека само 9,2% сметаат дека не треба.

Најголем дел од граѓаните дневно на интернет поминуваат меѓу 1 и 2 часа. Тоа е една петтина од сите анкетирани граѓани или, меѓу 60 и 120 минути секој ден на интернет се 20,5% од граѓаните.

17,5% на интернет секој ден поминуваат над 4 часа, 16,3% меѓу 2 и 3 часа и 15,4% помалку од еден час.

Очекувано, најмладите поминуваат најмногу време на интернет. Бидејќи анкетата опфаќа само полнолетни граѓани, дури 34,8% од анкетираните кои имаат помалку од 30 години на интернет поминуваат повеќе од 4 часа секој ден.

Од оние кои имаат меѓу 30 и 39 години 27,9% поминуваат на интернет над 4 часа секој ден. Како што се зголемува возраста, така се намалува и бројот на граѓани кои се на интернет над 4 часа дневно. Од оние кои имаат меѓу 40 и 50 години 18,7% на интернет се над 4 часа дневно а од граѓаните меѓу 50 и 60 години 11,7% поминуваат над 4 часа на интернет. Меѓу оние кои имаат повеќе од 60 години на интернет над 4 часа дневно поминуваат само 3,5% од анкетираните.

Анкетата на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје во периодот од 27 до 30 март оваа година врз репрезентативен примерок од 1117 испитаници.