Во Хрватска утре е прогласен Ден на жалост по повод смртта на легендарниот пејач Мишо Ковач. Националните знамиња низ целата земја ќе бидат спуштени на половина копје, додека граѓаните оддаваат почит за време на тридневната церемонија организирана во Шибеник, Сплит и Загреб.

Простувањето започна во неговиот роден град Шибеник и продолжува во Сплит. На стадионот „Пољуд“, каде што Ковач одржа концерт пред повеќе од 40.000 луѓе во 1993 година, ковчегот со неговото тело ќе биде внесен и пренесен низ теренот, а на настанот се очекува да присуствуваат бројни колеги пејачи и почитувачи на неговото творештво.

По комеморативната церемонија на стадионот во Сплит, ковчегот ќе биде транспортиран во Загреб. Во среда наутро е закажана комеморација во концертната сала „Ватрослав Лисински“, додека погребот ќе се одржи попладне на гробиштата „Мирогој“.

Последното збогување со музичкиот великан носи голема семејна тага, бидејќи пејачот ќе почива покрај својот син Еди, кој трагично го загуби животот во 1992 година на 16-годишна возраст.

По таа семејна трагедија, тој помина низ исклучително тежок животен период, за кој отворено говореше во јавноста, вклучително и за обидот за самоубиство по загубата на синот.

И покрај тешките животни искушенија, тој остави неизбришлив белег на регионалната музичка сцена и одбележа генерации слушатели. Роден е на 16 јули 1941 година во Шибеник, а својот музички пат го започна во раните шеесетти години на минатиот век.

Во својата повеќедецениска кариера сними повеќе од 30 албуми и продаде над 20 милиони плочи, оставајќи зад себе безвременски хитови како „Остала си увијек иста“, „Ако ме оставиш“, „Сви пјевају, ја не чујем“ и „Далмација у мом оку“.