Фронтменот на легендарната рок-група Дип Парпл, Иан Гилан, упати официјално соопштение до јавноста откако неодамна мораше итно да биде пренесен во здравствена установа.

Во своето обраќање, музичарот ги објасни причините за ваквиот чекор и упати благодарност до своите многубројни обожаватели кои му дадоа поддршка.

„Драги пријатели, ви благодарам за сите ваши желби за добро здравје и поддршка во последните неколку дена, тоа ми значеше сè. Имав медицински проблем додека бев во Лајпциг, кој бараше итен болнички третман“, соопшти Гилан.

Пејачот појасни дека постоела надеж турнејата да продолжи според предвидениот план, но лекарските проценки биле поинакви.

„Се надевав дека мојот лекар ќе ми даде дозвола да продолжам со турнејата, но ова ќе значеше многу сериозни ризици за мене. Како резултат на тоа, и по совет на мојот медицински тим и менаџмент, донесовме одлука да го одложиме остатокот од европската/британската турнеја до понатамошно известување“, наведе Гилан.

На крајот од своето писмо тој изрази жалење до публиката што нема да може да присуствува на закажаните концерти.

„Многу ми е жал за евентуалните непријатности што ова може да ги предизвика, но тоа е во најдобар интерес на сите. Ви благодарам за разбирањето. Со почит, ИГ“, се вели во соопштението.