Во Основниот Кривичен суд – Скопје, денеска во 14 часот треба да биде објавена пресудата за случајот „Плацеви на Водно“ во кој првообвинет за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот е поранешниот премиер Никола Груевски.
Покрај Груевски, во случајот обвинет е и неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева кои се товарат за „перење пари”, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.
Во завршните зборови, обвинителката Лиле Стефанова побара Судот на Никола Груевски да му изрече највисока казна, а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената. Воедно, обвинителката побара конфискација на становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”.
Што се однесува на останатите обвинети, застапникот на обвинението го процени како исклучително важен исказот на обвинетиот Ристо Новачевски и му предложи на судот истиот да биде условно казнет. Додека, за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.
Одбраната на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кој се суди во отсуство, истакна дека судот треба да им довери верба на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.
Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.