БЈБ на МВР, Министерство за финансии, УЈП и Јавното обвинителство влегоа во фирмите на струмичкиот бизнисмен Крмзов. Тој се сомничи за перење пари, двојни плаќања, незаконско постапување и даночни затајувања.

При претресот кој се одвивал на повеќе локации низ државата, повеќе лица се во бегство, а Крмзов е обезбеден на органите кои ја водат акцијата. Откриени се косовски државјани кои формирале фирми кои имале деловна активност со струничкиот бизнисмен кој важи близок до струмичкото семејство на поранешниот премиер Зоран Заев.

Кај него биле пронајдени дијаманти, а кај негов магационер во Скопје поголема количина на кеш парични средства, дознава Радио Лидер.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откри детали по повод вчерашните претреси во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Тој рече дека се приведени четири лица.

Вчерашната акција беше доста опсежна и обемна на повеќе од десетина локации на територија на Македонија. Постапувавме координирано со Обвинителството за гонење на организиран криминал по наредба на судија на претходна постапка како и заедно со останати државни институции како УЈП, Министерство за Финансии и Царина. Ова е еден од предметите кои што слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал кој за жал повторно е на штета на буџетот на Македонија односно на парите на народот.Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумпција на невиност, изјави Тошковски

Инаку пред 4 години се пишуваше дека постои шверц на роба од фирмата на Крмзов.

„Сѐ уште јавноста не доби одговори за шверцот на брендирана роба од страна на блиски луѓе до семејството Заеви, и за тоа кој интервенирал и ургирал да се пушти запленетиот камионот во населбата Шуто Оризари кој бил преполн со шверцувана и нецаринета роба. Според нашите информации, камионот кога бил сопрен кој превезувал роба за блискиот соработник на Вице Заев, Крмзов, инаку „Винекс текстил“ немал документи за царина на дел од робата која што ја превезувал. Возачот немал исправни документи за брендираната роба и авто деловите, а лажел дека имал комплетна документација кога бил сопрен од надлежните лица од полицијата“- тогаш соопшти ВМРО ДПМНЕ.