Тешка сообраќајна несреќа во која е повредено деветгодишно дете се случила вчера во скопската општина Сарај. Детето, кое управувало електричен тротинет, по судирот со автомобил било пренесено во болница, каде што лекарите констатирале тешки телесни повреди.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека на 28 јули околу 14:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од сервисна улица и регионалниот пат Скопје–Тетово се судриле патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 67-годишниот С.С. од селото Арнакија, и електричен тротинет што го управувало деветгодишно дете од истото село.

Во несреќата детето се здобило со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Ургентниот центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа на СВР Скопје, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.