Двајца мажи од гостиварскиот регион се лишени од слобода поради сомнение дека организирале борби со кучиња и сториле кривично дело „мачење животни“.

Полициски службеници од ОВР Гостивар на 29 јули во 01:30 часот ги привеле Г.Ј.(44) од село Топлица и А.А.(46) од село Чегране.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, претходниот ден околу 23:45 часот, на влезот во селото Топлица, полициски службеници од Полициското одделение Галате затекнале група граѓани и кучиња со видливи повреди и траги од крварење, кои настанале како последица на борба.

Од МВР информираат дека според пријавеното, лицата претходно се договориле да организираат борби со кучиња. При извршениот увид на местото, во патничко возило „фиат“ било пронајдено едно повредено куче.

Приведените лица се задржани во полициска станица, а по целосното документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.