Во 2026 година, заклучно со 22 септември, во државата се регистрирани вкупно 70 случаи на западнонилска треска. Од регистрираните случаи, а согласно дефиниција на случај, 65 се водат како потврдени, а пет како веројатни, се наведува во најновиот неделен епидемиолошки извештај на Институтот за јавно здравје за западнонилска треска во државата.
Според место на живеење на заболените, 63 случаи биле од Скопје, три случаи од Велес и по еден случај од Куманово, Свети Николе, Кавадарци, Тетово.
Од регистрираните случаи, 52 или 74,3 проценти биле машки, а 18 или 25,7 отсто – женски.
Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел биле лица на возраст над 60 години – 57 или 81,4 проценти, седум – лица на возраст од 50-59, две лица на возраст од 40-49 години, едно лице на возраст од 30-39, а три лица на возраст од 20-29 години.
Починале деветмина од хоспитализираните потврдени случаи, сите од машки пол. Кај осум починати лица биле регистрирани коморбидитети.
Во текот на изминатата недела – од 16 до 22 септември, пријавени биле пет нови случаи. Од нив, три случаи биле од Скопје, а по еден од Велес и од Тетово.
