Џон Траволта доби уште едно големо признание за кариерата долга пет децении. На 44. филмски фестивал во Торино му беше врачена награда за животно дело, а признанието ѝ го посвети на публиката што му овозможила професионален развој на филмското платно и во воздухот.

„Ви благодарам што ми ја подаривте најубавата кариера“, порача Траволта пред присутните гости.

Тој додаде дека во изминатите 50 години публиката му дала можност да истражува различни ликови, да пее и да танцува, како и да игра улоги што никогаш претходно не би помислил дека ќе ги добие.

„Никогаш не ми ги скративте крилјата. Ми дозволивте да летам“, рече актерот.

На свеченоста во италијанскиот град Торино го придружуваше ќерката Ела Блу Траволта, која исто така се занимава со глума. Нивното заедничко појавување привлече внимание поради семејната поврзаност, но и поради фактот што таа во последните недели постојано го поддржува на значајни настани.

На почетокот на ноември таа му ја врачи наградата „Културна икона“ на специјална церемонија во Конгресната библиотека во Вашингтон. За време на обраќањето истакна дека во текот на изминатите 26 години имала прилика да набљудува личност која никогаш не ја изгубила љубопитноста, останувајќи дарежлива и љубезна.

„Додека светот слави културна икона, јас и брат ми го славиме нашиот херој“, порача таа.

Покрај приемот на признанието, актерот во Торино го претстави и режисерскиот дебитантски филм „Propeller One-Way Night Coach“, кој претходно доживеа премиера во Кан. Остварувањето е базирано на истоимената детска книга што ја напиша во 1997 година, инспирирана од љубовта кон авијацијата и детските спомени. На фестивалот учествуваше и со филмот „November 1963“, играјќи го чикашкиот мафијаш Џони Росели во приказна поврзана со атентатот врз Џон Ф. Кенеди.

Новото признание доаѓа веднаш по добивањето на почесната „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал. Актерот кој оствари препознатливи улоги во „Брилијантин“, „Треска во саботната вечер“ и „Криминално досие“, продолжува да добива реномирани признанија за својот придонес во филмската уметност.