Имаме активен напредок во изградбата на повеќе од 50 километри од трасата на автопатите на коридорите 8 и 10 д – изјави денеска Џош Бејкер, главен проектен менаџер на „Бехтел и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д, а кој пред премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски ги претстави досегашните активности.

Мицкоски и Николоски, како и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, беа на увид на работите на делницата Гостивар – Букојчани, која е долга 30 километри и поминува низ планински терен. „Бехтел и Енка“ работат и на делниците Гостивар-Тетово и Прилеп-Битола, додека за автопатот Струга -Требеништа се чека одобрување на трасата.

Бејкер посочи дека досега се завршени активности за над 6 милиони кубни метри ископ, 2 милиони кубни метри насип, како и 100.000 кубни метри бетон. Сè ова, посочи, го постигнавме со поддршка на над 340 локални подизведувачи, а оваа бројка ќе продолжи да се зголемува како што напредува работата.

-Спроведовме преку 11.000 часови обука за безбедност и вештини, која им се нуди на сите  кои работат на проектот,  изјави Бејкер.

Според Трајановски и Николоски, активно се работи особено на делницата од Гостивар кон Бокојчани,  каде велат дека рокот за завршување се пролонгира на барање на надзорниот инженер затоа што, потенцираат, во првите две години од Договорот со изведувачот во време на претходната влада не било сработено ништо.

– Оваа делница во најголемиот дел е планинска делница со многу мостови, многу вијадукти и многу косини што треба да се прават меѓутоа има фронт за работа. Од вкупно 31 километар, на 11 километри има фронт за работа, а на останатиот дел усвоен е Урбанистчкиот план, направени се елаборатите за експропријација, веќе се дадени во соодветните подрачни единици на Министерството за финансии, односно во делот на имотно -правни односи. Значи активно почнуваме да ги решаваме останатите километри од тие 11 до 31 километар. Можам да кажам дека ние не ги кочиме „Бехтел и Енка“ туку секогаш сме пред нив по пет-шест километри за да можат непречено да работат, изјави Трајановски.

И Николоски потенцираше дека прават сè за да овозможат изведувачот што побргу да ги заврши проектите.

Главните предизвици во изградбата на автопатот Тетово – Гостивар, како што рече, се многуте водови на кои треба да се направи дислокација. Има многу натпатници, гравитираат пет општини и треба да се спојат, а мора да го држиме во добра кондиција и постојниот пат.

Кај Гостивар – Букојачни има почист терен со помалку дислокации, но е потешко затоа што треба да се заобиколи планинатата Буковиќ, а брзината треба да биде од 90 до 130 километри на час.

– За жал, претходната влада немаше сработено ништо. Во ноември лани добивме известување од надзорниот инженер, кој побара да се продолжи рокот за завршивање за две години затоа што мора да се компензираат двете изгубени години. Затоа ќе се оди со рок од декември 2029 година, што не значи дека нема да биде и порано – изјави Николоски.

Не очекува промени во цената на чинење, но, потенцираше, продолжувањето на рокот мора да го направиме заради претходната Влада. Експропријацијата е завршена. За Гостивар- Букојчани на седница на Влада е усвоен урбанистичкиот план за вториот дел, а за Прилеп – Битола урбанистичкиот проект, врз основа на тоа се прави експропријација и веќе немаме такви отворени прашања односно обврската на државата е целосно завршена, информира Николоски.

Премиерот Мицкоски порача дека коридорите 8 и 10 се стратешки за државава од многу аспекти и  затоа се најголем приоритет.   Ги наброја активностите за изградбата на автопатите, на пругата на Коридор 8, модернизацијата на пругата  на Коридор 10, која ќе биде брза пруга. Исто така и за енергетското поврзување преку далекуводи. – Едниот го рестартиравме, тоа е далекуводот кон Албанија, со останатите соседи сме поврзани на висок напон со далекуводи, зборувам за соседна Србија и Косово, Бугарија и Грција, сега останува Албанија, очекувам и тој проект да биде завршен. Кај поврзувањето со гасната инфраструктура, на прилично интензивно се гради гасоводот со Грција, потоа почнуваме сега од оваа недела со објавување на тендерот за гасоводот кон Србија, веќе се добиени сите мислења за оваа цевка. Проектот на нафтоводот којшто со децении рѓосуваше и беше оставен на забот на времето, сега е функционален и служи за транспорт на нафта, односно поврзување на пристаништето Солун со рафинеријата Скопје, рече Мицкоски.

Кога сето ова глобално ќе биде завршено, тогаш веќе можеме да кажеме дека сме навистина регионален хаб и дека оттука понатаму ќе се поврзува Северна со Јужна Европа, Централна Европа со Медитеранот, Јадранското и Јонското море со Црното море. Тоа е онаа стратешка предност стратешка што  ја имаме како држава.

– Како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме овие проекти и јас очекувам дека многу скоро ќе можеме веќе да го пуштиме делот којшто ќе го поврзува Кичево со Охрид, но истовремено и гасоводот којшто очекувам некаде во првата половина од следната година ќе ја поврзе нашата земја со нашиот јужен сосед. Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот којшто следи, најави премиерот Мицкоски.

Согласно со Договорот со „Бехтел и Енка“, во периодот од март 2023 до јуни 2024 година реализирани 241,3 милиони евра, од кои за градежни работи 19,6 милиони евра. Од јули 2024 до мај 2026 година исплатени се 278,4 милиони евра само за градежни работи.  За делниците од овој проект досега е заврешена експропријација на над 3000 парцели, од кои   560 до јуни 2024 година, а  2.483 парцели до мај годинава.

Мицкоски, Николоски и Трајановски денеска ќе се извршат увид и во изградбата на галериите на трасата на автопатот Охрид-Кичево, рехабилитацијата на превојот Пресека, како и  на клучката Требеништа која неодамна беше пуштена во употреба.