Владата ги поддржува домашните компании на нивниот пат кон технолошки развој и имплементација на современи модели во производствените процеси преку низа конкретни мерки и активности. Ова беше истакнато за време на годишната индустриска конференција посветена на технолошкиот напредок и зголемувањето на домашните капацитети.
Индустриската конференција под наслов „MANUFACTURING 2026 – Трансформација кон иновации“ се одржа во рамките на Меѓународниот саем за техника, технологија, енергетика и иновации „Енерго технома“ 2026. Настанот обедини претставници на индустрискиот сектор, државните институции и експертската јавност, кои дебатираа за дигиталната трансформација и подигнувањето на конкурентноста на македонското производство.
„Наша стратешка цел е јавната поддршка да ја насочуваме кон мерки кои создаваат долгорочна вредност за компаниите и економијата, да помогнеме домашните компании да бидат посилни, помодерни и подобро подготвени за настап на европските и светските пазари“, рече Ристески.
Заменик-министерот за економија и труд се осврна на актуелните технолошки текови во светот и нивното значење врз секојдневното работење на домашните субјекти, подвлекувајќи дека иновативните чекори веќе не се само избор туку реална потреба.
„Ваквите саеми се уште едно потсетување за времињата во кои живееме, за технолошкиот напредок во светот и за компаниите кои го користат во нивното функционирање. Ние повеќе не говориме за потребата од дигитализација и воведување иновации во производствените капацитети, ние говориме за нивната неопходност со цел компаниите да опстанат, да растат и да бидат конкурентни на меѓународниот пазар“, оцени Ристески.
Тој подетално образложи дека ресорното министерство и Владата продолжуваат со конкретна помош насочена кон компаниите кои инвестираат во технолошки процеси со цел подобар пласман надвор од државата. Конференцијата беше организирана од страна на Македонското здружение на металната и електроиндустријата (MAMEI), Стопанската комора на Македонија и Европскиот дигитален иновациски хаб – ДигитМАК.
