На предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница до 15 часот гласале 5.064 избирачи, односно 31,17 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Гласањето на сите 24 избирачки места се одвива непречено, без забележани потешкотии, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Во споредба со првиот круг од локалните избори во 2025 година, кога до истиот час гласале 4.932 избирачи, излезеноста е повисока за 0,62 процентни поени.
До попладневните часови биле поднесени седум приговори. Два биле усвоени, по што на избирачите им било овозможено да го остварат избирачкото право. Еден приговор бил одбиен како неоснован, а четири сè уште се разгледуваат.
ДИК најави дека следниот пресек на излезеноста ќе го соопшти во 18:30 часот, врз основа на податоците заклучно со 18 часот.
Жителите на Брвеница денеска избираат градоначалник на предвремените локални избори, распишани по смртта на дотогашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава. За функцијата се кандидирани шестмина: Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ; Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ; Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ; Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ); и независните кандидати Душан Богдановски и Арифе Идризи.
Во изминатиот период функцијата вршител на должност градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.
Во Избирачкиот список се запишани 16.256 избирачи од десетте населени места во општината. Од нив, 449 се на привремена работа во странство, а девет лица се евидентирани во затвор или притвор.
