Како највисок изборен орган, ДИК, како што се наведува во соопштението, им укажува на членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори во целост да се придржуваат до насоките добиени во едукативните материјали од ДИК и на обуките кои ги спроведуваат сертифицираните обучувачи на ДИК:

Да им овозможат пристап на медиумските работници и акредитираните набљудувачи во гласачкото место, да им овозможат на медиумските работници да снимаат или фотографираат во гласачкото место, водејќи сметка за тајноста на гласањето и личните податоци на гласачите (во оваа смисла, не е дозволено снимање и фотографирање на гласачите зад гласачките паравани и на личните податоци на гласачите кои се содржани во уредите за биометриска идентификација на гласачите и изводите од избирачкиот список) и можат да дадат изјава за медиумите која содржи технички информации околу гласањето, се посочува во соопштението.

За ДИК транспарентноста на целокупниот изборен процес е принцип од исклучително значење, потенцираат од Комисијата.