Ако не оваа среда, тогаш кон крајот на месецот Предлог-буџетот за 2025 година ќе се најде на владина седница посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочовска.

Како што изјави Димитриеска Кочовска, контурите на буџетот се во рамки на фискалната стратегија, а приоритет за покачување на платите ќе имаат образованието и здрвството.

Законскиот рок е најдоцна до 15 ноември. Се подготвуваме за Владата во среда, но не можам ништо да ветам, бидејќи има ситници што треба да ги издоговориме уште еднаш со некој од министрите каде што требаше уште нешто да биде скратено, така што доколку не успееме за оваа среда, следната недела нема да бидам тука, значи ќе му дојде некаде на крајот од месецот, вторникот, да се најде буџетот на владина седница.

Во однос на контурите, може да се отвори Фискалната стратегија, генерално се движиме во тој круг, тоа што беше предвидено и веќе е објавено и помина веќе на Влада, така што контурите на буџетот за 2025 се во рамки на тоа што е во официјалната стратегија – истакна министерката.

Во однос на платите, напомена дека најобесправени или институции на кои најмалку се внимаваше во изминатиот период беа образованието и здравството.

Во однос на покачувањето на платите, зборувавме во повеќе наврати дека сметаме дека најобесправени или најмногу погодени или институции на кои најмалку се внимаваше во изминатиот период беа образованието и здравството и токму сме фокусирани во тој дел.

Во делот на образованието веќе имаме информација за договорот што го постигнавме, очекуваме сега и за здравството да видиме во која насока. Кога зборувам за здравство би потенцирала дека станува збор за медицинско-техничкиот персонал. Докторите ги исклучувам зашто тие во минатото имаа повеќе покачувања.

Не велам дека можеби нема да бидат опфатени, но фокусот ни е повеќе на техничките служби, медицинските сестри – потенцира министерката, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на резултатите од работата на Царинската управа.

Според неа, ако наплатата на приходите продолжи како во првите сто дена, можеби ќе може да се зборува за покачување на платите и во други сектори.

Не можам да зборувам ништо однапред. Сега ги разгледуваме бројките. Ако продолжиме со ваква наплата на приходите, можеме за многу различни работи да разговараме во иднина и за поголеми покачувања, но тоа што е во овој момент, значи само за 100 дена ако сме успеале да направиме поголема наплата во Буџетот, можете да замислите какви ни се очекувањата за 2025-та, со воведувањето на е-фактурата. Уште многу, ногу повеќе, така што 2026-та, 2027-ма можеби ќе можеме да зборуваме за покачување во рамки на други сектори – рече Димитриеска Кочовска.