Димитриевски на прес-конференцијата за медиумите истакна дека според информациите од ДИК, до 13 часот биле собрани доволно потписи од граѓаните за неговата кандидатура за четиригодишен мандат.
– Им благодарам на сите граѓани кои ме поддржаа и веруваме дека и во наредните години ќе продолжиме со упорната работа да го менуваме ликот на Куманово и да го забрзаме неговиот развој, изјави Максим Димитриевски пред спомен – костурницата во Куманово.
Додаде дека тој сака единствено да го продолжи развојот на Куманово.
– Јас и мојот тим сакаме со нова енергија, преку 4 годишен мандат да го продожиме развојот на Куманово. Затекнавме долгови, но ги решивме финансиските проблеми и реализиравме голем број на проекти. Го менуваме Куманово во вистинска смисла на зборот и така ќе продолжиме, вети Димитриевски.
Нa новинарско прашање зошто не добил поддршка од СДСМ за повторна кандидатура и дали ќе ја напушти партијата, тој рече:
– Јас сум социјалдемократ од 1995 година, и такви се моите идеи и ставови. Но сакам развој на демократијата и внатре во партијата. Немам точни информации, зошто не ме поддржа врвот на партијата, но тоа што сакам да го кажам е дека под притисок на граѓаните и на голем број социјалдемократи, решив сепак да се кандидирам. Очекувам поддршка и од членови на СДСМ, зашто главно мото на последниот Конгрес на СДСМ е да се негуваат различностите. Не се добри обвинувањата за предавство, жалам што така некои поединци кои имплементират власт се изразиле. Во рамки на органите на партијата треба да се размислува пошироко, подемократски, рече Димитриевски.
На прашањето дали очекува да биде исклучен од СДСМ, тој рече дека размислува во таа насока, туку размислува за општината и како таа да се развива.
– Добив поддршка од граѓани од сите етнички заедници, како и од граѓани од различна партиска припадност. Очекувам дека ќе ја добиеме довербата за да продолжиме со започнатата работа во интерес на општината и нејзините граѓани, рече градоначалникот.
Додаде дека советничката листа во моментов се изработува, а носителка ќе биде жена која ќе даде свој придонес во развој на градот, но и да се задржи трендот на активна улога на жената во сите сфери од живеењето во општината.
Инаку, неговата матична партија СДСМ, според соопштението кое го објавија, реши да оди со друг кандидат за градоначалник на оваа општина, но за сега не е познато кој ќе биде противникот на Димитриевски на локалните избори во октомври. Неофицијално, се споменува едно име кое според одредени медиуми е фаворит на Оливер Спасовски.