Ирскиот претставник на Советот за општи работи на ЕУ изрази интерес за статусот на европското досие на Македонија, со акцент на напорите на португалското претседателство и нивниот предлог, како добра основа за надминување на предизвиците за усвојување на преговарачката рамка и пробив на евроинтегративниот пат во пресрет на јунскиот Самит на ЕУ.

Вицепремиерот Димитров се заблагодари за континуираната ирска поддршка за македонскиот евроинтегративен пат и се осврна на посветеноста на европската агенда во клучните реформски области поради што е потребен неодложен старт на пристапните преговори, како и на посветеноста за отстранување на пречките во таа смисла.

– Иако географски сме оддалечени, Ирска и Северна Македонија се споредливи по однос на многу карактеристики, а особено по определбата да дејствуваат како конструктивни партнери во Европа. Таа поврзаност неминовно нѐ упатува на интеграција и обединетост во вредностите, што се стремиме да ја заокружиме со заедничка европска иднина под знамето на Европската Унија. Сакам да изразам благодарност на Даблин за одлучното застапување на европските принципи и заложбата за фокусирање на суштината на пристапниот процес, а тоа е усвојување на европското законодавство, вредности и стандарди. Од македонска страна, остануваме посветени на европската агенда дома како аргумент плус за одржување на поддршката на нашите ирски пријатели за процесот на проширување чие натамошно одолговлекување е неприфатливо бидејќи е на штета на заедничките интереси. Верувам дека силната заложба заедно со добра волја и свесност за влогот може да резултира со европско решение, истакна Димитров.

Министерот Брн нагласи дека со оглед на исполнувањето на сите услови од македонска страна и огромниот влог за влијанието на ЕУ, од ирска страна има силна поддршка за што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција и заслужено отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој најави гласна поддршка за Македонија на сите претстојни состаноци на работните тела на Советот на ЕУ.

Соговорниците се согласија дека отворањето на пристапните преговори претставува можност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, преку пренесување на плодното ирско искуство во процесот на трансформација, што во моментов се одвива преку силна техничка и експертска поддршка во рамките на ИПА-инструментите, се наведува во соопштението од СЕП.