Во нашиот систем може МНР да има некаков дополнителен филтер за да спречи вакви работи, но вистинскиот ветинг го прават безбедносните служби. Тие имаат пракса, имаат искуство и најважно законски надлежности за таа работа. МНР нема надлежност да издава безбедносни сертификати, односно нема процес и процедури за такви безбедносни проверки на кандидатите, изјави Димитров во врска со приведувањето на дипломатот во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, Миле Миленкоски во Србија.

Димитров, кој беше шеф на дипломатијата од 2017 до 2020 година, посочи дека за овој случај не станало збор при размената на ресорите со актуелниот министер Османи во септември 2020 година, како и оти во МНР има записи од случајот и секој вработен во тоа Министерство има свое досие за кариерниот пат.

Примопредавањето е 30-ина минути, големите теми, некои совети, прашања итн. Во МНР има записи од случајот, бидејќи имаше писмена комуникација. Кога добивме прилично штури информации дека ќе почне истрага во рамките на МВР, ни беше побарано дали споменатиот има дипломатски пасош, дали користел одмор итн. За таа работа ние ги информиравме надлежните безбедносни агенции, така што и во фајлот, претпоставувам и во личниот фајл на вработениот во МНР ги има сите овие елементи. Обично секој вработен во МНР има досие каде бил, награди, евентуално дисциплински постапки – патот на кариерата на луѓето во МНР, појаснува Димитров.

Во однос на издавањето на дипломатските патни исправи тој посочи дека по Законот за патни исправи вработените во МНР што имаат дипломатски статус поседуваат дипломатски патни исправи и тие може да се одземат кога ќе биде одземен безбедносниот сертификат, меѓутоа Министерството како институција нема законска надлежност да дава или да одзема безбедносни сертификати, затоа што тоа го прават безбедносните агенции.

МНР се потпира на тие институции во овој дел, таков е системот, потенцира вицепремиерот Димитров.

3апрашан во врска со случајот на Миленкоски и како „таква конфликтна личност останала толку време на високи функции во МНР“, Димитров истакна дека кога дошол на должност министер за надворешни миленкоски бил во Мисијата при ОБСЕ, а по „една епизода“ бил префрлен во амбасадата во Австрија.

Неговото барање за продолжување на мандатот по три години го одбив и потоа, ако не се лажам, работеше во Директоратот за конзуларни односи во МНР. Тука има право министерот за надворешни работи дискреционо да не го пушти надвор на мисија, рече Димитров.

По однос на тоа како Миленкоски двапати завршил во ОБСЕ, упати новинарите да истражат и укажа дека генерално во МНР нема тим за човечки ресурси, како во големите институции и приватни компании, којшто ќе се грижи и ќе негува кадри по области дали тоа ќе биде билатерала или во мултилатералата.

Јас кога бев во МНР се обидував од тоа што е понудено и кој се пријавил на конкурс да ги испратам луѓето кои ќе завршат работат и ќе бидат некаква вредност во амбасадата, односно мисијата, рече Димитров.