Претседателот на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски, по повод празникот Свети Климент Охридски упати честитка до членовите на Светиот архиерејски синод, до целото свештенство и монаштво и до сите верници од православната вероисповед.
– Основоположник на македонската црковна и народна духовност, патрон на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и со продлабочувањето и унапредувањето на словенската просвета, проддолжувач на делото и мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј. Свети Климент Охридски со отворањето на Охридската книжевна школа, Првиот универзитет на Балканот, е тој што остави непроценлив придонес во словенската култура. Неговото духовно и книжевно дело е трајно врежано во душата на македонскиот народ и во неговото културно наследство, подеднакво и во историјата и традицијата на европските народи и земји, напиша Димовски.
Мудроста на Свети Климент Охридски, како што нагласи претседателот на СПМ, е втемелена во светогледот на нашиот народ и на нејзините духовни вредности се развива и нашата света Македонска православна црква.
-Затоа, поттикнати од неговото величенствено дело, во овие сложени времиња исполнети со многу опасности и предизвици, покорно молиме барајќи ја неговата вековна заштитничка грижа за нашиот македонски народ во напорот за сочувување на нашето битие и негово спокојно проддолжување. Со неговата света мудрост за нас и за нашите поколенија да обезбедиме подостоен живот со чинење добри дела исполнети со разбирање и помагање, со сплотеност и единство во нашето кревко национално ткиво, напиша Димовски во честитката.