Македонскиот пијанист Дино Имери синоќа одржа фантастичен солистички концерт во Загреб, Хрватска, во прекрасното здание на Државниот архив. Пред многубројната публика, Имери се претстави со изведба на романтичните и импресивни дела: „Ноктурно“ од Мануел Де Фаља, „Песни и танци“ бр. 1 и бр. 3 и „Млади девојки во градината“ од суитата „Сцени од детството“ од Фредерик Момпу, „Благородни и сентиментални валцери“ и „Alborada del gracioso“ од Морис Равел и „Кармен“ варијации од Ж. Бизе/В. Хоровиц.

Она што посебно интригираше во врска со овој настан, е што македонскиот пијанист свиреше на историскиот инструмент „Плејел“ од 1911 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија и славен пијанист, кому специјално му го испорачале од Париз. Во внатрешноста на инструментот, има и автограм на Имери, што на целиот настан му даде посебна убавина.

Ова е мое четврто рецитално гостување во Загреб – град во кој често се слушаат изведбите на светските имиња на пијанизмот, но и центар на една многу сериозна пијанистичка школа. Сум настапувал во различни стадиуми од мојата кариера, од студентските денови па се до оваа зрела фаза и за сите тие посети можам да кажам дека секогаш чувствувам неверојатна топлина, љубов и вистинска предаденост од страна на верната публика која одново се враќа на моите концерти“, вели Дино Имери, по синоќешното концертирање кое имаше извонреден одзив.

„Тоа е огромен комплимент за мене особено затоа што станува збор за луѓе кои се постојано изложени на концерти од светски калибар – нешто кон кое се стремев уште во зората на мојата меѓународна кариера. Не беше различно и овој пат, се случи прекрасна музичка вечер и со нетрпение го чекам моето враќање во овој град“, додава Имери.